Фото: Игор Бансколиев

Бројот на новозаразени ученици на дневна основа се движи од 0,01 до 0,03 отсто од вкупно 240-те илјади деца во училиштата, што изнесува од 24 до 72 случаи дневно, но навремената реакција не дозволува широка трансмисија на коронавирусот, што го покажал и скринингот, наведуваат од Министерството за здравство (МОН), одговарајќи на прашањата на „Нова Македонија“ во врска со епидемиолошката состојба во училиштата.

За учениците кои се позитивни или во изолација се организира онлајн настава, исто како и за учениците чии родители или старатели побарале настава на далечина. Комисијата за заразни болести, која на дневно ниво ја следи епидемиолошката состојба во училиштата, одлучува за евентуална промена на моделот на настава.

Од МОН нагласуваат дека бројот на заразени постојано се менува, како и дека состојбата е стабилна и се следи во координација со надлежните здравствени институции. Истовремено апелираат и за доследно почитување на протоколите за заштита.

– Со цел да ги сочуваме училиштата безбедни како и досега апелираме доследно да се почитуваат протоколите за заштита кои покрај вакцинацијата се и најдобриот начин за заштита: задолжително да се носат маски на затворено, дезинфекција на рацете, мерење на телесна температура при влез во училиштето и често проветрување и одржување на хигиената во училишните простории – посочуваат од МОН.