Во Министерството за надворешни работи денеска се одржа брифинг со претставниците на Дипломатско-конзуларните претставништва и Мисиите на меѓународните организации акредитирани во и за Република Македонија на којшто беа разменети информации за состојбата со коронавирусот.

Брифингот заеднички го водеа министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерот за здравство, Венко Филипче, осврнувајќи се на превентивните мерки согласно насоките и препораките на Владата на Република Македонија во врска со коронавирусот.

Димитров ги информираше странските претставници во земјава за одлуките донесени од Владата, кои важат и за странските државјани кои имаат постојан или привремен престој во Македонија, како и оние кои планираат патување во земјава во наредниот период.

– Ваквите предизвици кои не познаваат граници бараат колективен одговор, покрај нужната размена на информации, искуства и ескпертиза. Kоординирана акција како одговор на глобалната закана од овој вирус ја наметнува и потребата од уште поблиска комуникација меѓу владите на сите земји. Клучниот елемент во тоа заедништво треба да е солидарноста и меѓудржавната соработка, да не ја ставаме и неа во самоизолација. Напротив, помагајќи им на другите, во случајов си помагаме и себеси – рече Димитров.

Министерот за здравство детално брифираше за последната состојба во земјава во контекст на заболените од ковид-19 и нивното лекување, како и за начинот и капацитите за справување на здравствениот систем.

– Во постојана комуникација и консултација сме со СЗО и во континуитет преземаме мерки за заштита од коронавирусот. Сите капацитети со кои располагаме се ставени на располагање и одлично функционира системот за превенција и контрола за спречување непосакувано ширење на корона вирусот. Имајќи предвид дека досега беа преземени сите превентивни мерки од Комисијата за заразни болести, домашните експерти, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, како и на Институтот за јавно здравје – можеме слободно да информираме дека вродија со плод и во целост се реализираат сите досегашни мерки, а за одличното справување со оваа ситуација добивме потврда и лично од д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, кој беше во државава само пред неколку дена – рече Филипче.