Министерот Никола Димитров заедно со министрите за надворешни работи од земјите во регионот, учествуваше на видеоконференција иницирана од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Во своето обраќање, Димитров се осврна на актуелната состојба и мерките во земјата во контекст на пандемијата, како и во контекст на подготовките со цел демократски, фер и слободни предвремени парламентарни избори, со максимална заштита на здравјето на граѓаните.

– Досега Европската Унија се покажа како вистински партнер и поддржувач на Западниот Балкан при справување со пандемијата, создавајќи едно чувство на заедништво и припадност како да сме скоро дел од ЕУ, што се надеваме ќе следи и во претстојниот период при носењето одлуки од страна на ЕУ. Голема благодарност и за изразената поддршка од страна на Европската комисија за обезбедување залихи, како и вклученост во ЕУ набавката на лекот ремдесивир препорачан од Европската агенција за лекови, што беше побарано во консултација со министерот за здравство Филипче – рече Димитров.

Главен акцент во разговорите беше ставен на мерките коишто земјите од Регионот ги преземаат во функција на контролирање на пандемијата со коронавирусот, како и натамошната координација при нивно олеснување и овозможување на слобода на движење како во Регионот, така и меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ. Истовремено стана збор и за активностите на Европската комисија во контекст на следните чекори за поддршката од ЕУ при справување со социо-економските последици од пандемијата, а беа разменети мислења и за евроинтегративните процеси.

Од страна на еврокомесарот Вархеји беше искажана подготвеност за поддршка на Регионот за контрола на вирусот, координација при следните чекори за закрепнување и повторно поврзување на Регионот со ЕУ во контекст на слобода на движење, каде што главниот критериум кој е препорачан при носење на одлуките е врз основа на објективната епидемиолошка слика.