Тим од Клиниката за детски болести од Скопје денеска заедно со лекарите од Општата болница во Гевгелија ќе испитуваат од каква респираторна инфекција заболеле педесеттина деца и бебиња, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека тестовите за ковид-19 биле негативни.

Сè уште нема информации за тоа за каква инфекција се работи и од што е таа предизвикана, истакна министерот одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Центарот за прва психолошка помош и психосоцијална поддршка на Црвениот крст на Република Македонија.

Министерството за здравство вчера соопшти дека вкупно 50 деца и бебиња од Гевгелија во изминатиов месец побарале лекарска помош во локалната општа болница, со респираторна инфекција која не е вообичаена за овој период од годината.