Во тек се последните подготовки за ставање во функција на детската болница Козле за прием на пациенти позитивни на ковид-19. На располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од ковид-19. Предвидено е во оваа болница да се носат пациенти со полесна и средна клиничка слика.

Болницата се доекипира со интернистички и инфектолошки тимови, лекари и сестри, кои ќе дојдат и од Инфективна клиника и од внатрешноста.

Уште од почетокот на епидемијата во нашата земја болницата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле беше дедицирана за третман на сомнителни и заболени деца од ковид 19. Моментно во Болницата се сместени 3 дечиња сомнителни за ковид-19, чии резултати од тестови се чекаат. Од утре Болницата ќе врши прием и на возрасни пациенти заболени од ковид-19.

Освен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, болницата „8-ми септември“ која функционира како Ковид центар, сомнителни и заболени пациенти од ковид-19 се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид. Веќе од утре целосно се вклучува детската болница Козле, а се подготвува и Ковид центар во Кавадарци.