Преку видеоконференција, министрите за правда од неколку европски држави ги споделија искуствата поврзани со справувањето со ковид-19, а кои пред сè, се однесуваат на правосудниот и затворскиот систем.

Во своето обраќање, министерката Дескоска истакна дека мерките коишто се преземаат во областа на правдата кај нас, се мерки и решенија коишто во голема мера се идентични со оние од европските држави.

Дескоска потенцираше дека во поглед на постапувањата во судовите и обвинителствата, Македонија ги искористила искуствата од Австрија, според кои судовите и обвинителствата постапуваат исклучително само за итните предмети и оние за кои постои опасност од застарување.

Министерката за правда ги сподели искуствата и решенијата преземени во поглед на запирањето на извршувањето, со кои им се помага на граѓаните во овој исклучително тежок период.

На видеоконференцијата учество зедоа австриската министерка за правда, Алма Задиќ, албанската министерка за правда, Етилда Ѓонај, претставници од српското и босанското министерство за правда, директорот на Одделот за ЕУ и меѓународни односи од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, Роб Хујсер, како и претставници од италијанското и француското министерство за правда.