Министерката за правда Рената Дескоска вели дека одлуката за воведување вонредна состојба била една од најтешките во нејзиниот живот. Една ноќ по воведувањето на вонредната состојба Дескоска вели дека се исто како и претходно, само Владата има можност да носи уредби со законска сила.

– Вчера кога гласавме за давање предлог за воведување вонредна состојба, верувајте тоа беше една од најтешките одлуки за кои досега сум гласала во мојот живот. Не можев ни да претпоставам дека ќе живееме во вонредна состојба но истиот момент бев уверена дека таа одлука е државничка, дека е одлука која всушност ќе помогне да ја надминеме ситуацијата во која што се наоѓаме. И што поскоро да се вратиме на нормалните текови на нашиот живот – рече министерката Дескоска.

Таа нагласи дека прогласувањто на вонредната состојба не значи автоматка забрана за движење, не значи полициски час и затворање продавници. Разликата е само во тоа што Владата има поголеми надлежности за справување со кризата.
Дескоска објасни предвидена е и можност за ограничување на движењето, но ограничувањето не смее да се однесува на правото на живот ниту пак да има дискриминација по било кој основ

– Нашата заложба е ограничувањата да бидат минимални и да се воведат само ако е нужно. Колку повеќе се придржуваме до мерките толку полесно ќе поминеме – рече министерката Дескоска и апелираше граѓаните да ги почитуваат веќе воведените мерки на Владата.