Од денешен ден за Дебар и Центар Жупа на сила се само мерките кои важат за територијата на целата држава, соопшти директорот на Центарот за управување и кризи, Агрон Буџаку.

Викендов заврши кризната состојба на териториите на општините Дебар и Центар Жупа. На денешната седница Владата одлучи да се укинат сите дополнителни мерки предвидени за територијата на споменатите две општини кои беа на сила од 13 март, кога беше прогласена кризната состојба, прогласена за времетраење од 30 дена.
– Од епидемиолошки аспект, воведувањето на кризната состојба придонесе во последните 10 дена да немаме нови случаи на заразени лица со коронавирус. Досегашниот биланс, се надеваме конечен, е следен: од 49 потврдени пациенти со ковид-19 – 16 се излечени, 4 починати, за 8 се чекаат резултатите од второто тестирање, 29 пациенти се на домашно лекување – информира Буџаку.

Тој кажа дека најголема честитка заслужуваат граѓаните на Дебар и Центар Жупа кои максимално се придржувале до сите мерки донесени од страна на институциите на системот.

– Нивното трпение и високата граѓанска свест, придонесоа да имаме релативно и компаративно мал број на заразени и починати. Најтешкото го поминавме во Дебар и Жупа, да се надеваме и работиме да што поскоро го поминеме во целата држава, преку дисциплина и висока граѓанска свест – рече Буџаку.