Фото: Игор Бансколиев

Животот со физичко дистанцирање и самоизолација, предизвикани од опасноста од коронавирусот, ја здебели европската популација. Американскиот магазин „Политико“ на темава информира дека жителите на европските држави ги зголемиле своите килограми како нуспроизвод на битката со пандемијата, а сето тоа дополнително станува проблематично ако се знае дека дебелината е дополнителен ризик во лекувањето на оние луѓе што ќе се инфицираат од заразата. Според „Политико“, кој цитира информации добиени од англиската здравствена организација „Паблик хелт“ (ПХЕ) скоро осум проценти од тамошното население што има вишок килограми потешко се справува со ковид-19, наспроти преостанатите што немаат проблеми со килограмите. Оваа британска институција тврди дека по истражените 17 милиони електронски досиеја на тамошните граѓани, било заклучено дека ризикот за смртност од ковид-19 е поголем кај оние лица што имаат прекумерна тежина.

„Политико“ пишува дека прекумерната дебелина кај населението сама по себе подразбирала висок крвен притисок кај пациентите, можност за дијабетис и потешки околности за лекување на истите тие ако завршат во интензивна нега.
Во меѓувреме, и во Македонија како во остатокот од Европа, проблемот со зголемената тежина на населението поради животот во карантин е сериозен. На една од прес-конференциите министерот за здравство Венко Филипче информира дека прекумерната тежина негативно се одразила во битката за спасување на животот на некои од домашните пациенти заболени од ковид-19. Во сублимиран заклучок стручната јавност во земјата вели дека проблемот со дебелината на населението сега е решлив кога се завршени рестриктивните мерки за борба со ширењето на вирусот.
Нутриционистката Цветанка Динева советува дека во период кога опасностите од пандемијата се големи, а ние сакаме да ја намалиме својата телесна тежина со диети, истовремено треба многу да внимаваме во тој процес да не го намалиме имунитетот.

– Во овој период треба да се практикува во телото да се внесуваат многу течности и организмот треба да е константно хидриран. Под тоа се подразбира првенствено внесување на огромни количества вода, а ако се консумираат сокови треба да се пијат единствено свежо исцедените, кои во себе ќе имаат лимон, ѓумбир, куркума и црн пипер бидејќи овие состојки имаат антипаразитно дејство. Внесувањето витамини е исклучително битно за да имаме здраво тело, а доколку се има можност не е лошо да се консумира витамин Ц во минерална форма. Во делот на исхраната треба на трпезата да имаме поголеми количества зеленчук и овошје, кои се богати со природни витамини, бргу се варат и немаат масни наслаги – вели Динева. Според, нутриционистката, доколку сакаме да имаме здрав процес на слабеење многу е битен и одморот на луѓето, кој подразбира рано легнување и рано станување. Таа советува да се намали и користењето на мобилните телефони и компјутерите бидејќи тие негативно влијаат на сонот. Динева додава дека целиот процес ќе се финализира кога во состав на диетата и здравиот одмор, населението ќе започне да има и одредена физичка активност изразена во форма на пешачење и прошетки.

Слично размислува и дипломираниот физиотерапевт Ненад Попоски, кој смета дека последиците од животот во самоизолација и карантин си го прават своето и дека не е никаква тајна дека и населението во Македонија ги зголемило своите килограми. Попоски вели дека тоа е евидентно во неговата секојдневна работа, но доколку се имаат волја и желба состојбата може да се контролира, а килограмите кај луѓето со мала посветеност можат да се вратат во посакуваната состојба.
– За да се намали вишокот килограми е потребно да се има физичка активност и да се внимава на исхраната. Под физичка активност, според науката, се подразбира нормална утринска гимнастика во траење од триесетина минути. Таа е добредојдена за сите, ги намалува килограмите, но и ја зголемува активноста на луѓето и нивната продуктивност – вели Попоски.

[email protected]