Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во моменти кога државата се обидува да се справи со предизвиците од пандемијата на коронавирусот и кога секој сектор од општеството трпи и се соочува со сериозни последици, особено оние што работат во здравството, полицијата и армијата, сепак структурите што би требало да бидат олицетворение на правната држава одлучија да ја оспорат уредбата на Владата што се однесува на нивните финансиски примања. Деновиве беше обелоденета иницијативата од Здружението на судии до Уставниот суд, но и од Здружението на јавни обвинителите до министерката за правда Рената Декоска, која се однесува на оспорување на одлуката за исплаќање минимална плата на правниот сектoр во земјата.

Правните експерти велат дека актуелните случувања поврзани со барањата за оспорување на уредбите за минимална плата на судската фела може да се погледнат од два аспекта – од уставноправен и од солидарен.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур Маргарита Цаца Николовска вели дека овие случувања имаат две димензии и тие треба посебно да се анализираат.
Според Цаца Николовска, првиот аспект на проблемот е солидарноста на судиите и правната фела со актуелните случувања, а втората димензија е правната и уставната издржаност на уредбата за намалување на платите на судиите.

– Имено, во конкретната ситуација имаме состојба во која извршната власт во државата нема коректори на нејзините решенија, односно парламентот е распуштен, со што законодавната власт не дејствува, а судството, кое треба да е независен столб, на земјата е под влијание за намалување на неговите плати – вели судијката.
Според неа, во овие моменти треба да се знае дека уредбата за минимална плата е практично интервенција во одредени права на независноста на судството, а сето може да се детерминира само од страна на Уставниот суд, кој има надлежност да утврди што точно се случило.
– Мислам дека, од една страна, барањето на судиите е многу легитимно, бидејќи тие се независна власт во земјата, а личниот доход е практично еден од елементите на таа независност на оваа власт во земјата и тој не може да се менува на овој начин.

Односно не може со уредба што има тежина на закон да се натера некој да биде солидарен. Такво нешто никаде не постои, солидарноста е лично чувство и мотив, тоа не е нешто што може да се наложи од која било власт. Меѓутоа, од друга страна, тука во овие случувања имаме и многу битен морален аспект на пандемијата, кој има социолошка и општествено одговорна димензија на настаните. Односно, прашањето е колку оваа одлука е морално исправна ако, на пример, претседателот на државата, кој исто така е битен елемент на државата, се откаже од своите примања за земјата полесно да се справи со настаните. Мора да се знае дека и претседателот има сметки за плаќање и тој има семејство за издржување и нему му е скратена платата, а не само на судиите – вели Цаца Николовска.

Судијката во рамките на настаните додава дека во овие моменти функционираме во една недефинирана зона, во која многу од решенијата се донесени, а тие во суштина не може да се покријат едноставно со уредба. Цаца Николовска резимира дека во овие случувања еднакво важно во носењето на овие одлуки, освен процедурата, е и нивната содржина, односно дали таа е во согласност со Уставот на земјата.
Таа додава дека сѐ што сега е донесено со уредба, во иднина може да биде оспорено пред Европскиот суд за човекови права, бидејќи уредбите едноставно не може да бидат носени за да бидат прекршувани основните слободи и права.

Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека ако сакаме и ако планираме некогаш да станеме правна држава, прво и основно нешто што треба да направиме е да си ги почитуваме Уставот и законите, а политичарите да се воздржат од популизам и од политикантство, бидејќи со тоа се гази правниот поредок во земјата.
– Во вонредна и во нормална состојба на државата оние што раководат со земјата треба да внимаваат да не ги помешаат лончињата, а тоа се случува кога политиката се втурнува во судството, и тоа во едни вакви специфични околности во кои се наоѓаме.

Во Законот за судовите во членот 2 стои дека никој не може да наложи со закон како да се троши самостојниот судски буџет. Законот е јасен, секое мешање во ова е погубно, па дури и ако е од солидарни причини – нагласува Давидовиќ.
Адвокатот, сепак, додава дека ако судски буџетски совет од морално разбирливи причини донесе ваква одлука, која е во согласност со владината уредба, тука за него повеќе би немало никакви дилеми во делот на намалувањето на платите и сѐ би било во согласност со законите на нашата земја.

[email protected]