Поддршка за масовните тестирања на граѓаните,
но методологијата на долготрајни двојни проверки создава конфузија

Протоколите за прогласување еден пациент за оздравен треба да се олеснат, односно наместо два негативни теста, можеби може да се прави еден тест и ако тој е негативен, пациентот да се смета за оздравен. Таква методологија е прифатена и во регионов, па затоа официјалните бројки во соседството се многу пониски. Со нашата методологија, бројот на активни случаи уште долго ќе остане висок, а со тоа ќе бидат затворени границите за македонските граѓани во другите држави…

Македонија во моментов има 1.536 активни случаи на заболени од ковид-19 и се наоѓа на врвот на листата држави во регионот и во Европа, со 77 случаи на 100 илјади жители. Сите други држави од регионот и од Европа имаат во просек од пет до 20 активни случаи на 100 илјади жители и се во рамките на европскиот просек утврден до 25 активни случаи на 100 илјади жители, што е основен критериум за слободно движење од една во друга држава без поседување негативен тест за ковид-19 и без задолжителен државен карантин од 14 дена. Овој процент во Македонија нагло порасна во последните десет дена, кога беа евидентирани над сто нови случаи на ковид-19. На крајот од мај Македонија го исполнуваше европскиот просек со околу 20 активни случаи на 100 илјади жители, но подоцна тоа се промени.

Охрабрува зафатот на здравствените власти масовно да тестираат

Процентот и бројот на активни случаи директно е поврзан со соодносот на новозаболени и оздравени лица. Односно, за да почне тренд на опаѓање на активните случаи, во државата на дневна основа треба да бидат евидентирани повеќе оздравени од новозаболени.

Но кога станува збор за начинот на кој се евидентираат оздравените, тогаш треба да се има предвид дека тоа е малку подолг процес. Во еден ден може да бидат регистрирани 100 новозаболени, но за да бидат регистрирани во еден ден 100 оздравени, треба да поминат и повеќе од 20 дена од моментот кога некој бил заразен. Една од причините е и тоа што државата прави двојни тестирања кога станува збор за оваа евиденција, односно потребно е два контролни теста да бидат негативни во период и до 14 дена за да биде заведен во статистиката еден пациент како оздравен.

И соседните земји масовно тестираат, но контролните методологии не се екстензивни

За разлика од нашата земја, некои од државите во соседството, како Србија на пример, одлучија да не прават контролни тестирања и со само еден негативен тест да ги заведуваат лицата како оздравени. Поради тоа се случи во еден ден во Србија да има 4.000 оздравени лица. Тоа се сите оние што имале еден негативен тест и требало да го чекаат вториот, од кој се откажаа српските здравствени власти.

Според податоците на здравствените власти, во Македонија над 90 отсто од последните новорегистрирани случаи се асимптоматски, што значи само носители на вирусот, кои не развиваат симптоми. Тоа практично значи дека за овие лица не се потребни никаква терапија и лекување, но за да бидат заведени тие како оздравени, ќе мора да поминат два контролни теста.

Ако 90 отсто од новите случаи се асимптоматски и не развиваат симптоми, се наметнува прашањето за потребата да се чекаат два контролни негативни теста за да се заведат како оздравени. Тоа е процес што трае и до 20 дена. Сепак на тој начин бројот на активни случаи уште долго ќе остане висок, а со тоа ќе бидат затворени границите за македонските граѓани во другите држави, зашто многу од државите ќе ги затворат границите за влез на граѓани од земји што имаат над 25 заболени на 100 илјади жители.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Протоколите за прогласување на пациентот за оздравен треба да се олеснат

Дали е тоа предвиден протокол или е одлука на нашите здравствени власти?
Микробиологот Никола Пановски вели дека протоколите за прогласување на еден пациент за оздравен треба да се олеснат, односно наместо два негативни теста, сега може да се прави еден тест и ако тој е негативен, пациентот да се смета за оздравен.
– Со оглед на тоа што голем дел од пациентите што последниот период се позитивни на коронавирусот се асимптоматски, немаат поголеми симптоми и се лекуваат во домашни услови, нема потреба да чекаат два негативни теста за да бидат официјално прогласени за оздравени пациенти. Според сите научни истражувања, пациентите по деветтиот ден од почетокот на некакви симптоми на присуство на коронавирус не можат да го пренесат вирусот на други лица -објаснува Пановски.

Според него, дополнителниот втор тест може да се употреби за откривање нови случаи, наместо како контролен тест за веќе оздравен пациент.
Сепак, министерот за здравство Венко Филипче смета дека тоа се прави заради поголема сигурност, како двојна контрола.

[email protected]