Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерството за здравство преговара по три механзими за да набави по 800.000 вакцини против ковид 19, а веќе во петокот Грција потврдила дека дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Атина ќе и даде на нашата земја, рече министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вчерашното гостување во дневникот на телевизија Сител.

– Во петокот добивме потврда од Грција, имав разговор со грчкиот министер за здравство, којшто после разговорот со премиерот Мицотакис потврди дека од нивната прва количина, којашто ќе стигне во Атина за нивното население, една количина ќе одвојат и за нас. Практично ги користиме сите инструменти вклучувајќи го и Ковакс механизмот којшто ни беше прв на располагање и секако преку овие директни договори на останатите земји членки на ЕУ да обезбедиме одредена количина вакцини и за нас – рече Филипче.

– Минатата недела го плативме авансот за вакцината против ковид-19, со што обезбедивме банкарска гаранција дека ќе ја исплатиме целата сума за набавка на 833.000 вакцини, за околу 400.000 граѓани. Освен оваа набака преку Ковакс механизмот, остварен е и директоен контакт со Фајзер и Астра Зенека. Третиот механизам е преку Европската Унија. Таа нарача 200 милиони вакцини за земјите членки и уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од унијата. Ние аплицираме за 800.000 дози и од овие 100 милиони дози. Вакцината ќе биде бесплатна за сите граѓани – истакна министерот.