Граѓани со забоболки и отоци не можат да направат интервенција на забите бидејќи се затворени приватните стоматолошки ординации каде се лекувале. Дел од нив, услуга не можат да ја добијат ниту во јавните ординации, со образложение од вработените дека не ги вклучуваат инструментите за работа, односно, не пломбираат, не лекуваат заби, туку даваат само инјекции за смирување на болка доколку пациентот ја има. Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека од утре Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе провери дали има пропусти и зошто пациентите не се третирани, бидејќи според него одлуката на Владата е јасна.

– Има одлука со која што секој пациент кој има итна потреба, мора да биде примен во ординација и да биде саниран. Не да се даде лекови, туку да се направи стоматолошка интервенција. Ќе зборувам со ДСЗИ да се провери оваа работа. Отворена е и Клиниката за стоматологија 24 часа и таму има дежурна екипа – посочи министерот Филипче.

Тој повтори дека приватните ординации беа затворени бидејќи стоматолозите биле најизложени на пренос на коронавирусот, но најави дека мерката ќе биде модифицирана.

– Комисијата за заразни болести работи со групи и компании, ќе се модифицира оваа мерка. Секој што бара стоматолошка услуга, мора да ја добие, но ќе направиме проверка преку инспекторатот – додаде Филипче.

Во сите државни стоматолошки ординации кои работат изминатиот период, евидентно е дека има гужви, а тешко се доаѓа и до термини. Дел од вработените, се жалат дека немаат ресурси, па затоа, наместо интервенција, можат да направат само преглед и да се дадат лек за смирување на забот. Доколку пациентот нема итна потреба и се јавува на забар поради падната пломба од која нема болка, тогаш, тој за санирање ќе мора да почека до укинување на мерката со која се затвораат приватните ординации.