Градоначалниците од владејачкиот СДСМ денеска на социјалните мрежи објавуваат слики од уплатници со кои покажуваат дека од платите за април задржале само 14.500 денари, а останатите ги уплатиле во државниот буџет.

Овој потег функционерите од СДСМ го најавија откако Уставниот суд ја замрзна примената на уредбата со која тие требаше за земат плата од 14.500 денари, а останатите средства да се наменат за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

– Во духот на солидарноста, без оглед на одлуката на Уставниот суд, денес го донирам износот на мојата априлска плата во државниот фонд за помагање на граѓаните за борба против коронавирусот. Верувам дека само со заедништво и солидарност ќе се надмине оваа економска криза – напиша Саша Богдановиќ, градоначалник на oпштина Центар, покрај објавената уплатница на која стои дека во државниот буџет уплатил 44.576 денари.
Уплатница денес објави и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.

– Денес разликата од мојата плата за месец април до 14.500 денари, во износ од 53.716 денари ја донирав во Фондот за борба против kовид-19. Да им помогнеме на тие на кои нашата помош им е неопходна. Сега солидарноста ни е најпотребна. Зборот е збор! – објави велешкиот градоначалник Коцевски.

Во вторникот минатата недела Уставниот суд одлучи да поведе постапка за преиспитување на уставноста на Уредбата која пропишуваше функционерите да земат плата од 14500 денари и наложи да се замрзне примената на Уредбата.

По одлуката на Уставниот суд за непримена на уредбата, функционерите од СДСМ најавија дека самоиницијативно ќе ги намалат платите, а средствата ќе ги отстап за борба против коронавирусот и кризата што ја предизвика.

Уредбата за намалување на платите на функционерите Владата ја донесе на 11 април. Со нејзината примена беше предвидено за два месеца да се обезбедат 3,9 милиони евра во буџетот на државата кои требаше да се наменат за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.