Состојбата со коронавирусот во Прилеп во последните десетина дена е загрижувачка, дури и алармантна. За само седум дена има 377 новозаболени граѓани, голем број хоспитализирани и, за жал, 15 починати. Токму затоа градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски, како прв човек на ОКШ, денеска на прес-конференција најави дека како лекар, се става на располагање на потребите на Инфективното одделение.

– Ја понудив мојата помош која со задоволство беше прифатена од болницата, што значи дека од денеска, се’ додека за тоа има потреба, независно дали тоа ќе бидат седум денови, две недели, месец, два месеца или повеќе ќе бидам присутен во одделението. Иако и самиот припаѓам во ризичната група на граѓани на возраст од над 60 години, каде е поголема можноста да добијам инфекција или, не дај Боже, да заболам, но тоа е пресметан ризик. Како општествено одговорен граѓанин кој ја има дадено Хипократовата заклетва, им се ставам на располагање на моите колеги од секој аспект: технички, организационен, медицински – рече Јованоски, посочувајќи дека во услови кога Општина Прилеп работи со намален капацитет, тој заедно со својот тим, ќе ги извршува неопходните обврски.

Градоначалникот ја најави можноста за скоро време и во Прилеп, во Центарот за јавно здравје, да се вршат ПЦР-тестови.

– Центарот за јавно здравје има апарат за вршење ПСР тестови и моја заложба е да им овозможиме на најголемиот дел од нашите сограѓани да се тестираат овде. Има донација од фирми кои заедно со помошта на Општина Прилеп, во наредниот период ќе го направиме овој Центар за испитување на ПЦР тестови – нагласи градоначалникот Јованоски. Ка.М.