В четврток ќе се отвори пункт на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје каде што ќе може да се вакцинираат помладите, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче, велејќи дека акцентот сега се става на вакцинација кај помладите категории граѓани.

– Расте опфатот на вакцинација на лицата над 40 години, односно од оваа старосна група вакцинирани се 53 проценти од вкупното население. Затоа сега ставаме акцент на вакцинација на помладите граѓани, вирусот се шири меѓу нив и тие можат да го пренесуваат. Докажано е дека вакцината е безбедна и ефикасна, не треба да постои страв, а важно е на младите да им се врати животот и тие да се социјализираат – изјави Филипче.

На прес-конференцијата учествуваа и студенти од Медицинскиот факултет.

– Ние директно бевме вклучени каде што требаше во сета корона-криза, правевме епидемиолошки анкети, волонтираме во ковид-центрите… Мојата порака е до сите млади, да покажеме висок степен на свест, сериозност и одговорност кога станува збор за јавното здравје, да се заштитиме себе и луѓето околу нас – изјави еден од нив.