На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 206.013 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 9.561 граѓани, а вкупно се вакцинирале 11.646 граѓани.

Во државата се аплицирани 244.518 дози вакцини, а ревакцинирани се 38.505 граѓани. Со последните бројки 44,7 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 37 проценти од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критичната инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат. Досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација е 390.330 граѓани.