Фото: Маја Јаневска-Илиева

Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата vakcinacija.mk е 440.213 граѓани, информираат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека на вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 245.413 граѓани.

– Прва доза вакцина вчера примиле 1.255 граѓани, а во текот на вчерашниот ден вкупно се вакцинирале 14.282 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 384.466 дози вакцини, а ревакцинирани се 139.053 граѓани – додаваат од ресорното министерство.

Според последните бројки, 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, и 35 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во арената А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.