Министерството за надворешни работи информира дека во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство, вечерва организираше враќање во земјата на 169 македонски граѓани од Загреб.

Претходно, во попладневните часови беше организиран лет за 118 македонски граѓани од Валета, Малта.

Враќањето на граѓаните беше организирано со летови на авиопревозникот „Визер“, којшто за овие две дестинации на јавниот повик од Владата, понуди најниска цена за авиобилетите. Граѓаните се обврзани сами да ги покријат трошоците за авио превозот, додека задолжителниот 15 дневен карантин којшто беше еден од условите за нивно враќање во земјава, е на товар на државата.

Повикувајќи се на принципите на солидарност и во духот на добрата регионална соработка, на овие летови беа превезени и 9 странски државјани, 4 од Хрватска, 4 од Црна Гора и 1 од Косово.

Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Албанија, Хрватска, Италија, Косово/НАТО, Србија, Босна и Малта за соработката при издавање на дозволи за прелет и целокупната поддршка во овие отежнати околности. МНР продолжува со напорите за помош при враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани без регулиран престој во странство.