На оваа седница Владата ја донесе уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба во согласност со која вработените во јавниот сектор, кои работно се ангажирани за времетраење на привремените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година во согласност со потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата.

Уредбата утврдува дека на вработените во јавниот сектор, кои се ослободени од извршување работа и работни задачи, во согласност со мерките за заштита од ширење и превенција од коронавирусот ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.

По исклучок од оваа уредба, за работниците во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата, јавните здравствени установи, царинските службеници, единиците за противпожарна територијална заштита, во инспекциските служби, како и лицата што работат во старските домови, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година, кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година во согласност со потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството.