Денес вработените во детските градинки имаа прилика на zoom-средба со министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, доктор Жарко Караџовски, доктор Кристина Ставридис и доктор Сузана Маневска, да ги постават сите прашања и дилеми поврзани со вакцината против Ковид-19, информираа од Министерството за труд и социјална политика.

„Околу 65% до 75% проценти од вработените во градинките се веќе вакцинирани, а во некои градинки и 100%, што зборува за општествената и лична одговорност на вработените кои го штитат своето здравје, здравјето на своите најблиски и здравјето на дечињата за кои се грижат“, потенцираше Шахпаска.

Целта на состанокот, како што е истакнато е да се потенцира важноста од вакцинација и да се расчистат сите дилеми кои ги имаат лицата кои сè уште не се одлучиле да се вакцинираат. Доктор Кристина Ставридис подготви и детална презентација за целта, важноста, функционирањето и деталите поврзани со вакцините против Ковид-19, информира министерката.

„Со сите вас ќе го споделам својот личен пример за соочувањето со вирусот Ковид-19. Верувам дека најдостојно и најрелевантно ќе Ви укажам на опасноста од овој вирус и што може да ви се случи доколку навремено не се заштитите“ рече Караџовски, при што од прва рака го сподели своето искуство од прележувањето на коронавирусот.

Министерката уште еднаш апелираше до сите вработени во детските градинки кои не се вакцинирале, да го направат тоа што поскоро, за навремено да се заштитат себе си и децата во градинките за кои се грижат.