Само еден ден пред овој случај, „Нова Македонија“ објави истражувачка сторија дека во поликлиниката нема сапуни, тоалетна хартија,
заштитни маски и ракавици

Вработена во поликлиниката во Чаир е позитивна на ковид-19. Информацијата ни ја потврди и директорот на Здравствен дом – Скопје, д-р Виктор Исјановски. Се работи за жена што работи на шалтерот на главниот влез во објектот и чиј дел е целосно одвоен со стакло.
Завчеравечер веднаш бил дезинфициран делот во кој работи таа, а вчера била дезинфицирана и целата поликлиника.

– Очигледно е дека никој не е 100 отсто заштитен од вирусот. Вирусот се пренесува на различни начини, но ние го даваме својот максимум за да ги заштитиме вработените. Вработените во Чаир се исплашени, и тоа е нормално. Некои од нив комуницирале со таа жена. Нема да се тестираат сите вработени, туку само оние што имаат симптоми – информира Исјановски.

Поликлиниката не е затворена за пациентите и работи вообичаено.
Само еден ден пред овој случај, „Нова Македонија“ објави дека во поликлиниката нема сапуни, тоалетна хартија, заштитни маски и ракавици. Раководството укажа дека ги имаат сите потребни средства и за дезинфекција и за заштита. На прашањето зошто ги нема во тоалетите, рекоа дека ги снемува кога ќе ги стават, односно дека пациентите или вработените ги земаат.

Случајно или не, откако претходно разговаравме со директорот за овој проблем, на вработените им беа поделени маски, ракавици и бришачи за раце. Во поликлиниката од вчера има и сапуни и бришачи во тоалетите.