Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, денеска извршија увид во градежните активности за подигнување на монтажната болница со капацитет до 130 болнички кревети до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Со ослободување на просторот од околу 4.000 м2 создадена е можност за интервентен развој и дополнување на капацитетот на Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Ослободената локација до инфективна клиника во моментов има огромна предност заради близината на сите капацитети на клиничкиот центар „Мајка Тереза“, клучните Институти и самата Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.

Со оглед на состојбата со коронавирусот, Град Скопје го помага Министерството за здравство, со реализација на низа градежни и инфраструктруни активности во кругот на Клинички центар Мајка Тереза. Покрај активностите за расчистување и уредување на просторот до инфективна клиника, се прошири влезот во клиничкиот центар и се отвори траса за интервенти возила до ургентниот центар, како и посебен влез кон инфективната клиника.