Фото: Игор Бансколиев

Министерството за здравство ќе спроведе скрининг со брзи антигенски тестови, во кој ќе бидат опфатени 8.178 ученици во рамки на 80 општини и градот Скопје, во рамки на активностите за превентивни тестирања, со цел за рано детектирање и превенција од ковид-19 во основните и средни училишта во Македонија.

– По претходно добиена писмена согласност од страна на родителите или старателите на учениците, тестирањата, кои ќе започнат од следната недела, ќе опфатат вкупно 364 основни и 109 средни училишта ширум државата. Собирањето на согласности за тестирање на учениците во училиштата започна од денеска – соопшти министерството за здравство.

Скринингот ќе биде извршен по случаен избор на ученици, кои ќе бидат тестирани од здравствени работници во самите училишта, во просторија одредена од страна на училиштето. Тестирањето, трае помалку од една минута, истото е безболно и безбедно, и е како секое земање брис од грло или носна шуплина, посочуваат од министерството.

Скринингот во училиштата ќе овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на коронавирусот, односно дали ковид-19 се шири низ училиштата и каква е трансмисијата. Најмногу тестирања ќе бидат спроведени во општините Тетово – 546, Куманово – 489, Битола – 378, Прилеп – 309 и Гостивар – 296. Додека пак, во рамки на училиштата на општините и градот Скопје, скринингот ќе опфати 766 ученици.

Министерството за здравство апелира до родителите и старателите, да дозволат учениците да учествуваат во превентивното тестирање, со цел да се добијат релевантни податоци за трансмисијата на ковид-19 низ училиштата, како и да се утврдат асимптоматски случаи кај учениците и средношколците.

– Со давањето поддршка на скринингот, зачајно ќе се придонесе да се добијат релевантни податоци базирани на докази, кои ќе овозможат натамошно носење на соодветни одлуки од интерес на децата и учениците. Тоа ќе овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците – заклучуваат од министерството за здравство.