Фото: Каролина Мицевска

На Инфективното одделение во прилепската oпшта болница „Борка Талески“ хоспитализирани се 17 лица позитивни на коронавирус. Тројца од нив се на кислородна поддршка, останатите се со стабилна клиничка слика. Во делот за изолација се наоѓаат 4 пациенти, двајца од нив се негативни на коронавирус, а на другите двајца земен им е брис и се чекаат резултати. Во самоизолација се наоѓаат 356 лица.

Инаку, во текот на изминатото деноноќие немало прекршување на полицискиот час. Денеска Општина Прилеп на претседателите на урбаните заедници им дистрибуираше дополнителни 3.500 заштитни маски, кои ќе им бидат поделени на жителите. Истовремено, заради зголемената фреквенција на луѓе за време на одбележувањето на празникот Голем Петок – Балаклија, пред манастирот „Св.Архангел Михаил“ и црквата „Св.Димитрија“ во населбата Варош, на граѓаните им беа поделени 1.500 заштитни маски.

Утре и в недела ќе работат пет маркети кои 07.00 до 15.00 часот, ќе вршат достава на стока до граѓаните, а ќе има и дежурна аптека. Граѓаните кои заради извршување на земјоделски работи во деновите од викендот имаат потреба од движење за време на полицискиот час, денеска и утре, треба да се јават во Општинскиот кризен штаб.

Викендот Општина Прилеп ќе спроведе акција за дезинфекција на сите улици и јавни површини во градот. Акцијата започнува утре, сабота 25 април, веднаш после почетокот на забраната за движење на граѓаните, во 15.00 часот. Акцијата ќе биде реализирана со волонтери од Прилеп и населените места, кои со триесетина трактори опремени со прскалки ќе ги дезинфицираат улиците во сите населби во градот, вклучително и тесните улици во кои цистерните на јавните комунални претпријатија немаат пристап. Дезинфекцијата продолжува и в недела од 10.00 часот, кога триесетина волонтери на Општина Прилеп ќе ги дезинфицираат влезовите и јавните површини пред сите згради во градот.

Ка.М.