Министерството за внатрешни работи соопшти дека било извршено идентификување на лицата кои излегоа на протести за време на полицискиот час во скопската населба Сингелиќ. На разговор во полицијата биле повикани 21 лице кои учествувале на настанот и не ја почитувале мерката за забрана на движењето, со што сториле кривично дело.

– Во следниот период, а во насока на целосно расчистување на настанот Министерството за внатрешни работи ќе продолжи со обезбедување на доказен материјал за останатите лица и по завршување на постапката за сите лица кои постапиле во спротивност со законот ќе бидат поднесени кривични пријави до Основното јавно обвинителство – информираат од МВР.

Од Министерството нагласуваат дека по случајот се постапува неселективно, а граѓаните треба да бидат уверени дека секој кој што постапува во спротивно со законот ќе биде соодветно санкциониран.

Претходно оваа недела, беа поднесени кривични пријави за три лица од оваа населба кои не ги почитувале мерките.