Кумановската болница евидентирала 23 новозаразени во Куманово и двајца починати од коронавирус во изминатото деноноќие, извести градоначалникот Максим Димитриевски. Тој побара Владата итно да го разгледа неговиот предлог за прогласување 14-дневен карантин во Куманово по примерот на Дебар оти смета дека тие се закана за жителите на другите градови.

– Куманово денеска има 23 нови позитивни случаи и двајца починати. Вкупната бројка во Куманово е 224 позитивни лица досега или вкупно 12 починати. Возраста се движи од 59 до 79 години. Ве информирам дека бројакта што доаѓа од Централниот кризен штаб се однесува на бројка на заболени и починати во Куманово заедно со оптшината Липково. Сочувство до семејствата на починатите. Ние сме сите заедно со нив, ќе се бориме заедно за нивно закрепунување и поддршка на здравствените работници во градот – рече градоначалникот Димитриевски.

Тој бара да се спречи заразата исто како во Дебар, барање што Куманово го имаше уште пред две недели, и притоа потенцира дека се гордее со кумановци бидејќи не го прекршиле полицискиот час.

– Предлагаме 14-дневен контролиран карантин во Куманово и воведување кризна состојба во општина Куманово, затворање на влезовите и излезите во градот, а олеснување да има само за лица што ќе вршат работни задачи, а градот да го напуштаат со претходна дозвола, како и да поминуваат на дезинфекција на посебни пунктови – додаде градоначалникот.

Според него, треба да се направи реорганизација во Општата болница – Куманово.

– Воедно, сакам да напоменам дека за Општата болница – Куманово, каде што имаме 44 позитивни лица од персоналот, Комисијата за здравство треба да донесе одлука за реорганизација на персоналот. Изразуваме поддршка до оние што работат во болницата. Им стоиме на располагање – рече Димитриевски.

Градоначалникот потенцира дека бараат прогласување кризна состојба во градот за институциите на државата да се вклучат во борбата со коронавирусот по примерот на Дебар, кој, според него, дал резултати.