Фото: Зоран Антоски

Во текот на изминатото деноноќие, за време на спроведување на мерките за ограничено движење  и заштита на граѓаните од вирусот ковид-19, во Кичево не е регистрирано ниту едно прекршување на полицискиот час од страна на граѓаните. Во истиот период не се евидентирани кражби, сообраќајни незгоди и нема регистрирано нарушување на јавниот ред и мир.

Од СВР-Охрид известуваат дека во Кичево се евидентирани 11 лица во изолација, врз кои од страна на полициските службеници во текот на изминатотот деноноќие извршени се девет контроли и кај нив не се евидентирани неправилности. Моментно во општина Кичево во самоизолација се наоѓаат 28 лица и кај сите во изминатото деноноќие извршени се контроли. Полициските службеници во текот на ноќта извршиле и 77 контроли врз угостителски објекти на ниво на СВР Охрид, и сите се придржувале кон пропишаните мерки од страна на Владата.

Видливи се намалените редици пред банките, поштите, салоните за мобилна телефонија и маркетите, а во тоа голем придонес има и поместувањето на полицискиот час наместо до 16 часот, истиот да започнува во 19 часот.

– Благодарение на подолгото работно време, денес имаме помалку гужва пред нашиот маркет, бидејќи граѓаните се свесни дека имаат доволно време да ја завршат работата и пред полицискиот час да се вратат дома. Се надеваме дека наредните денови редиците за чекање ќе бидат уште пократки, бидејќи деновиве имавме поголем притисок и поради тридневниот полициски час и нашето неработење – вели Гоце, вработен во еден од најпрометните маркети во градот.