Полициските службеници на ниво на СВР Охрид вчера издале 76 прекршочни налози на физички лица, за сторен прекршок спротивен на уредбата со законска сила за носење лична заштита на лицето. Од оваа бројка, најмногу прекршочни налози 28, издадени се за граѓаните на Кичево.

Во истиот период во овој град во изолација се наоѓаат 11 лица, додека во самоизолација има две лица. Во изминатото деноноќие полициските службеници самостојно и во координација со Државниот пазарен инспекторат извршиле 32 контроли во Кичево, најмногу на ниво на СВР Охрид.

Во текот на вчерашниот ден регистрирани се и два напада од кучиња скитници врз недолжни граѓани. Тоа им се случило на Р.Д. од Кичево, кој околу 12 часот на „Булеварот Ослободување“ бил каснат од куче-скитник, како и Ф.М. од кичевското село Стрелци, кој околу 16.30 часот на улица „Тане Цалески“ во Кичево, исто така бил каснат од куче-скитник.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Д.П.( 52) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Тој на 21 мај во 22.10 часот бил затекнат на магистралниот пат Кичево-Охрид, при што полициските службеници констатирале дека тој за време на полициски час се движи без соодветна дозвола издадена од надлежен орган. З.А.