Фото: Зоран Антоски

Во текот на неделава во целост се исполнуваат прогнозите на докторите од кичевска болница, дека за очекување е бројот на оздравени пациенти од ден на ден да расте, додека бројот на новозаболени да се намалува. Така и во текот на денешниот ден во Кичево се регистрирани тројца новозаболени и пет оздравени лица, по што бројот на активни случаи се намали на 113, додека бројот на излекувани пациенти порасна на 126, а остана бројката од 10 починати од ковид-19.

И денешните три случаи се лица со полесна клиничка слика, ни потврди д-р Џабир Бајрами, директор на Здравствениот дом и член на Кризниот штаб.

– Како што и очекувавме, од ден на ден расте бројот на оздравени пациенти и се намалува бројот на инфицирани, и очекуваме овој тренд да продолжи и во наредниот период, додека се уште имаме потопло време и пократок престој во затворено. Носењето заштитна маска, држење прописно растојание и хигиена на рацете, се од фундаментално значење за спречување на инфекции со ковид-19 и секогаш тоа да им е на памет на сите граѓани ако сакаат да ја избегнат опасната инфекција – вели д-р Бајрами. З.А.