Фото: Зоран Антоски

По долгата стагнација и малиот број на инфицирани од ковид-19, последниве месец- два состојбата во Кичево драстично се промени и, за релативно кус период дојде до троцифрена бројка заболени од ковид-19. Денешниот билтен е релативно поволен со само еден новозаболен, без починати и оздравени лица.

– Во нашата општина бројот на активни случаи е 82, пет лица се починати, додека 14 пациенти се оздравени. Денешната бројка од само еден новозаболен е оптимистичка и, наредните денови треба да го задржиме овој тренд на мал број заболени или уште подобро, да нема инфицирани.

Радува фактот што повеќето заразени со ковид-19 се лица со полесна клиничка слика и за скоро време треба да очекуваме бројот на оздравени од ден на ден да се зголемува, а да паѓа бројот на активни случаи. Уште еднаш упатувам апел до целото наше население, да ги почитуваат меките за заштита од ковид-19. Да носат заштитни маски, редовно да одржуваат хигиена на рацете, да не се групираат во поголеми групи и ако почуствуваат одреден симптом на ковид-19, задолжително да се јават кај матичниот лекар, не да чекаат да им се влоши состојбата – апелира д-р Станко Трпески, директор на Кичевската болница и член на Кризниот штаб.