Министерот за здравство, Венко Филипче на последната прес-конференција посочи дека очекува согласно податоците од веќе заболените лица, бројот на заболени да се зголемува во идниот период.

Тој истакна дека мора да се почитуваат мерките за да се спречи локалната трансмисија.

Во однос на 200 лица кои беа заглавени на граница, а кои доаѓаат во земјава, тие ќе бидат во групен карантин во касарна на Криволак, посочи министерот.

– Дозволете да се обратам до јавноста со многу важни пораки. Епидемијата е во силен ек, секоја епидемија има свој тек, има почеток, пик, врв. Очекувано е согласно сите епидемиолошки податоци на луѓето, бројот на заболени да се зголемува во идниот период. Најважно е да се спречи локалната трансмисија, ќе направиме се да ја спречиме инфекцијата. Останете дома, не се собирајте, излегувајте само со итност, не контактирајте многу со луѓето, не се задржувајте во маркетите, држете дистанца, задолжително често мијте раце 20 до 30 секунди. Од сите зависи – рече Филипче.

Тој е дециден дека на 200 лица кои одат во групен карантин ќе им бидат обезбедени сите услови.

– Околу 200 луѓе кои беа на унгарско-српската граница ќе дојдат со организиран превоз на преминот Деве Баир. Најголем дел од нив, согласно информациите кои ги имаме до сега, работеле во ризичните региони во Италија, дел од нив се од Австрија. Точните информации ќе ги имаме кога ќе влезат во нашата земја. Тие сите ќе одат во групен карантин, во касарната во Пепелиште во Криволак, каде има услови, медицинска поддршка, храна, соодветно обезбедување – додаде Филипче.

Анкети и тестови на оние кои имаат симтоми, ќе бидат направени кога ќе се сместат во касарната.

– Тимот епидемиолози, на едно место ќе ги направи тие разговори, тестови ако некој има знаци за болест, така што, тие ќе бидат под максимална контрола, а целиот тој објект во кој има солидни услови за престој ќе биде обезбеден од полицијата – објасни министерот.