Фото: Зоран Антоски

Во изминатото деноноќие во Општина Кичево нема прекршување на полицискиот час и не се регистрирани лица кои не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерката за ограничено движење и заштита  на граѓаните од ширење на вирусот ковид-19.

Од СВР Охрид информираа дека во Кичево моментно во самоизолација се наоѓаат 21 лица. Во изминатото деноноќие извршени се 11 контроли кај овие лица. Во истиот период на територија на Општина Кичево регистрирани се 28 лица во самоизолација. Кај сите лица во самоизолација извршени се контроли, при што не се регистрирани неправилности. Полициските службеници изминатото деноноќите на ниво на СВР Охрид извршиле 88 контроли врз угостителски објекти меѓу кои дел и во Кичево.

Бидејќи периодот за снабдување со намирници е краток поради полицискиот час, пред маркетите во Кичево се создаваат поголеми редици граѓани.

– Бидејќи времето за пазарење е релативно кратко, пред нашиот маркет од изутрина се создаде редица од купувачи. Поради тоа што мораме да ги почитуваме прописите,  во маркетот да не се прават гужви и меѓу купувачите да се држи прописно растојание, до крајот на работното време одвај ќе ги услужиме граѓаните кои веќе чекаат на ред. Ако полицискиот час започне од 19 часот, тогаш ќе имаме доволно време сите да бидат услужени и да нема толкави редици пред маркетот – велат вработени од еден маркет во центарот на градот.