Фото: Игор Бансколиев

Дали резервите на крв, кои се неопходни во функционирањето на здравствениот систем во земјата, е можно да се намалат, како нусефект од пандемијата на коронавирусот. Одредени европски држави веќе информираа дека вирусот го намалил бројот на крводарители поради страв од заразување со болеста.
Во своја анализа на темава, американскиот магазин „Политико“ информира дека неколку европски држави пријавиле намалување на резервите на крв, поради намалениот број донации на крводарителите, а сето тоа се должело на зголемениот страв од заразување на граѓаните од вирусот ковид-19.
– Крводарителските акции обично се одржуваат во просториите на универзитетите и фабриките, но бидејќи поради пандемијата овие места се затворени, намален е бројот и на донатори на крв – се вели во анализата.

„Политико“ во својот осврт на случувањата подвлекува дека во Британија донациите на крв се намалени за 15 проценти во споредба со минатиот месец, што резултирало тамошните власти да ги стимулираат граѓаните да донираат крв, спроведувајќи дополнителни безбедносни и здравствени мерки. Весникот додава дека слична е состојбата и во Бугарија, каде што во моментов нивото на резервите, според тврдења на Министерството за здравство на оваа земја, е на алармантно ниско ниво.
Натаму, медиумот информира дека во Италија, ризично ниско ниво на резерви на крв имало само во регионите што најмногу биле зафатени од пандемијата.

Од друга страна, Катерин Хартман, директор на Европската алијанса за крв, неделава изјави дека во Европа има попречување на резервите на крв и крвните компоненти.
– Донациите се намалени, но и побарувачката во болниците е намалена исто така, бидејќи пациентите ги одложуваат закажаните операции. Практично сѐ што може да се одложи е одложено во најголемиот дел од државите – истакна Харман.
Во контекст на актуелните настани, Европскиот центар за превенција на зарази и контрола, во своето последно соопштение до јавноста, предупредува дека поради природата на коронавирусот и неговиот брз начин на ширење, сличен на болестите САРС и МЕРС, може да се создаде клима во која ќе има значителен ризик за одржување стабилен проток на креирање резерви на крв и органи.
– Крвните резерви се делумно ранливи и затоа е потребно дневно донирање крв и креирање крвни компоненти, кои имаат ограничен временски период во кој можат да бидат зачувани – велат од организацијата.

Во меѓувреме, состојбата на ова поле во Македонија е стабилна, а надлежните смируваат дека и покрај вонредните состојби, крвните резерви се на посакуваното ниво, а донациите на крводарителите продолжуваат да се вршат во услови на зголемена медицинска контрола.
Сузана Тунева од Црвениот крст на Македонија вели дека во вакви состојби во кои се наоѓаме, нашиот систем во моментов е стабилен и приспособен на вонредните услови.
Според неа, донациите на терен од крводарителите се координирани од Црвениот крст и од ЈЗУ-Институт за трансфузиона медицина на Македонија, каде што секојдневно се следи да не се дозволи резервите на крв да се под посакуваниот минимум.
– Во нашата работа имаме редовни контакти и со Институтот за трансфузиона медицина и со Министерството за здравство, но најбитно и со крводарителите.

Па доколку се јави потреба за дополнителни количества, постои план за лично информирање на оние што се во регистарот на крводарители на земјата. Натаму, бидејќи крводарителските акции досега се спроведуваа во Центарот за крводарителство и во училиштата и факултетите, а овие простории поради специфичната состојба во која се наоѓа државата мораа да се затворат, отсега па натаму ќе се вршат единствено во специјални простории во Центарот, каде што се спроведени сите процедури за безбедност за вршење на овие активности и за оние што даруваат крв и за оние што медицински ги вршат активностите – вели Тунтева.
Во моментот сѐ се одвива според насоките, а на ниво на Клиничкиот центар доколку се јави потреба имаме листа на лица, кои по повик ќе донираат крв бидејќи тие се активни членови на клубот на крводарители.

Од друга страна, неодамна Министерството за здравство и Институтот за трансфузиона медицина ја информираа јавноста дека редовно ја следат состојбата на крвни резерви во земјата.
Во Институтот за трансфузиона медицина резервите на крв и крвни продукти се стабилни.
– Дополнително, поради новата состојба со коронавирусот во земјата, Институтот за трансфузиона медицина заедно со Црвениот крст се реорганизира во однос на крводарувањето во земјата, за да се испочитуваат највисоките мерки на заштита на населението и крводарителите, а притоа да се обезбеди континуиран прилив на донирани единици на крв, кои ќе обезбедат количества за покривање на итната програма, во согласност со одлуката на Владата – наведуваат од Институтот.

[email protected]