Во изминатото деноноќие безбедносната состојба на целото подрачје на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, е стабилна и без регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нарушувања на јавниот ред и мир и сообраќајни незгоди. Граѓаните ги почитуваат препораките, мерките и насоките усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (ковид-19) за забрана за одржување собири и настани на отворен и затворен простор, како и секаков вид на јавни и приватни собири. На територијата на двете општини се почитува и ограничувањето на движењето на граѓаните, во периодот од 21.00 до 06.00 часот, соопшти МВР.

Полициските службеници деноноќно се на терен и ги преземаат неопходните безбедносни активности што се во согласност со оперативниот план, се врши обиколка низ централното градско подрачје и приградските населби и се контролира дали угостителските и другите јавни објекти (маркети, ноќни клубови, фитнес салони, обложувалници) се придржуваат до одлуката за забрана за нивната работа. Во општина Дебар е регистрирано едно кривично дело „тешка кражба“, извршена во киоск на уллица 8 Септември и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите.

Во овие две општини, без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини. Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини.

МВР апелира до граѓаните, строго да ја почитуваат одлуката на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 06.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.