Од вчера на болничко лекување по компликации кои се појавиле откако била вакцинирана со вакцината на „Астра зенека“ е 28-годишна девојка. Министерот за здравство, Венко Филипче, извести дека таа е на лекување во Клиничкиот центар во Скопје.

– Тромботичен ефект кај 28-годишната девојка се појавил 6-7 дена по вакцинирањето. Таа се вакцинирала во Србија. Таа се чувствува добро, но се следи нејзината состојба – изјави министерот Филипче.

Тој доцна синоќа го стопираше вакцинирањето на македонските граѓани со вакцината на „Астра зенека“ откако истото го направија Германија и Канада, поради згрутчување на крвта што го предизвикува.

Кај лицата над 60 години од вакцината на „Астра зенека“ не се регистрирани негативни ефекти, па Филипче смета дека е безбедна за употреба. Утрово, кај нас, почна вакцинацијата на лицата над 77 години, токму со вакцината на „Астра зенека“ .