Општинската организација на Црвениот крст од Кичево започна со теренска сервисна услуга на мобилен тим, кој ќе врши набавка на храна, средства за хигиена и лекови за старите и изнемоштени лица, лица со попреченост и самохрани родители, кои не можат да излезат од сопствениот дом.

Волонтерите на Црвениот крст ги посетуваат овие лица, по што добиваат информација што им е неопходно моментно, и потоа со сите неопходни намирници се враќаат во нивниот дом.

– Од отворањето на телефонската линија до денес, примени се поголем број на повици од страна на стари лица кои живеат сами и на истите во нивниот дом им беше обезбедена соодветната услуга во набавка на храна, хигиенски средства и лекови. И на овој начин општинската организација дава соодветна поддршка во намалување на ризикот на проширување на ковид-19, бидејќи се работи за лица од најранливите категории, што го потврди искуството од досегашниот период, поточно од појавата на овој вирус – истакна секретарот на ОО на Црвениот крст-Кичево, Бесник Селими.