Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата на РМ на денешната седница треба да одлучува за новата предложена мерка за финансиска стимулација на матичните лекари, доколку бројот на нивните вакцинирани пациенти против ковид-19 надмине 70 отсто.

Имено, матичните лекари треба да добијат награда кога ќе надминат 70 отсто на вакцинација од вкупниот број на прикрепени пациенти, односно да добијат по 30 денари за пациент од вкупниот број пациенти кои се запишани кај нив.

– Свесен сум дека ова беа едни од најтешките предложени мерки бидејќи допираа во работните односи и затоа сега ќе разгледуваме слични мерки кои нема да загрозуваат нечие работно место, а ќе бидат стимулација за вакцинација и затоа интензивно истражувавме во изминативе 2-3 дена. Има уште некои аспекти кои тука треба да се разгледаат, но мислам дека тоа е предлогот со кој ќе настапиме во вторник пред Влада – изјави претходно министерот Филипче.

Вчера Комисијата за заразни болести донесе одлука да не се воведат нови рестрикции во Македонија поради појавата на новиот сој на коронавирусот, наречен омикрон.