Владата денеска ќе ја одржи редовната 69-та седница, со повеќе точки на дневниот ред, информираат владините служби.

На седницата, која ќе започне во 12 часот, ќе биде разгледан Записникот од триесет и шестиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на ковид-19, одржан на 10 мај, со Записникот од состанокот на Комисијата за заразни болести, одржан истиот ден.

Тогаш Главниот координативен штаб и препорача на Владата нови мерки кои според нив би требало да важат од 12 до 18 мај.

Скратен полициски час, работа на угостителските објекти во отворените делови до 23.30 часот и отпочнување со работа на вежбалните, фитнес центрите и теретаните, се дел од олабавените рестриктивни мерки што Главниот координативен кризен штаб и ги препорачува на Владата, а таа треба да ги разгледа и да ги усвои на денешната седница.

Според новите мерки што се предлагаат, полицискиот час ќе трае од полноќ до 5 часот и се дозволува користење на годишен одмор за здравствените работници. Ивентите и настаните ќе се одржуваат согласно наменските протоколи, со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на затворениот простор, а се зголемува и бројот на деца кои може да се згрижат во една група во градинките, односно од 15 на 20 деца.

Вчера министерот за здравство Венко Филипче истакна дека се уште е рано за да се даде општа препорака заштитните маски да не се носат на отворено.