Владата ќе објави јавен повик за набавка на заштитни маски со цел спречување на последиците од коронавирусот.

Владата ќе спроведе интервентна набавка на минимум 2.000 заштитни маски дневно за потребите на Република Северна Македонија од домашни производители. Предмет на набавката ќе биде производство, пакување и дистрибуција до институции кои имаат потреба од заштитни маски.

Економските оператори треба да ги исполнуваат следните услови и тоа: испорака на минимум 2.000 маски дневно; испораката ќе се врши за период на траење на вонредната состојба; единечна цена по маска 40 денари плус ДДВ со материјал за изработка во сопственост на економскиот оператор; единечна цена по маска од 25 денари плус ДДВ за материјал обезбеден од страна на Владата на Република Северна Македонија.

Материјалот обезбеден од страна на Владата ќе биде доделен на еден економски оператор кој ги исполнува условите, а доколку се јават повеќе економски оператори кои ги исполнуваат условите ќе се спроведува јавно наддавање, а договор ќе се склучи со економски оператор кој ќе понуди најниска единечна цена.