Комисијата за заразни болести утре ќе одлучува за воведување тестови за патниците што само минуваат низ земјава. Министерот за здравство, Венко Филипче, смета дека треба да се воведат тестови.

– По првичниот случај, пративме писмо преку Министерството за надворешни работи до Амбасадата во Стокхолм, која ја покрива и Финска, но не сме го добиле списокот со 24 лица детектирани како позитивни. Наша цел беше да видиме дали се наши или државјани на Косово, кои беа во тој авион, но по вториот случај, утре на Комисија за заразни болести ќе дискутираме за воведување ПЦР-тестови и за транзит-патниците. Во целиот регион имаме најстабилна ситуација, кај нас има подобрување, нема потреба нашата земја, нашиот аеродром, да стои како место од кое излегуваат позитивни патници. Утре ќе донесеме соодветна одлука – рече министерот Филипче.

Со саботниот лет на „Визер“ од Скопје во Турку, Финска, пристигнале уште 12 позитивни патници. Во авионот имало 115 патници, а тестирани биле 95 отсто. На сите им се издадени наредби за домашен карантин.

Ова е трет по ред лет Скопје – Турку во кој беа откриени патници позитивни на ковид-19. На првиот лет на 8 август, по доброволното тестирање на сите што пристигнаа од Скопје, позитивни беа 26 лица, а на вториот на 11 август уште пет. Вкупно досега на трите лета се регистрирани 42 случаја на коронавирус. Повеќето од патниците во трите лета биле со патни исправи на Косово и на Финска.