Владата донесе одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на состојбата на која тие биле на денот кога коронавирусот беше прогласен за пандемија од страна на Светската здравствена организација (СЗО).

Отстапка од ова ќе се прави само за производите за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Со одлуката се опфаќаат цените на основните намирници како: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства.

Како што информираат од владината прес-служба, одлуката е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи, предизвикана со прогласувањето на пандемијата од СЗО.

Исто така, на владината седница е предложено да се воведе забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време.

Министерството за економија, Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство и Царинската управа се задолжени да ги преземат сите неопходни активности со цел спроведување на оваа мерка.