Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, објави дека оди во самоизолација поради контакт со позитивен на ковид-19.

– Моменталните услови на живеење за сите нас се променливи и непредвидливи, коронавирусот наметнува брзо прилагодување на новите услови. Ова значи враќање во нормалното секојдневно работење и живеење, секако со почитување на сите мерки за заштита и превенција, но од друга страна и одговорност за себе и луѓето околу нас и почитување на насоките на Институтот за јавно здравје за изолација и тестирање кога сме имале контакт кој можеби нè става под ризик – напиша Битиќи на Фејсбук.

Тој информира дека поради контакт со позитивно лице, во следните неколку дена оди во самоизолација, по што ќе направи тест.

– Во моментов немам никакви симптоми и се чувствувам одлично. Ова ги менува моите секојдневни обврски и планови кои ги имав за наредните денови, се извинувам за сите откажувања на гостувања, состаноци и планирани средби. Здравјето и безбедноста на оние околу мене, семејството, тимот и соработниците е приоритет. Бидете здрави и живи и ова ќе помине – порача тој на Фејсбук.