Фото: Игор Бансколиев

За да биде проблемот уште поголем, меѓу оние што се заразени од вирусот има и медицински лица, кои вирусот го добиле борејќи се со пандемијата и спасувајќи човечки животи. Но општеството не ги штеди ни нив од стигматизација. Во светски рамки дури се евидентирани и случаи на каменување свои сонародници, додека кај нас осудата и нападите се најизразени главно на социјалните мрежи. Зошто е тоа така и како да се спречи

Дали оваа состојба на пандемиска криза и паниката што се создава во јавноста како страв од ширење на коронавирусот предизвикуваат нов, поопасен „вирус“ како резултат на говорот на омраза и стигматизација кон лицата што на еден или на друг начин се поврзани со вирусот? Какви се примерите во светот, но и кај нас и дали можеби излегува на површина нетолерантност кон сопствените граѓани, под закрилата на стравот од ширење на вирусот?
Изминатите неколку дена на социјалните мрежи сѐ почесто може да се прочита осуда, говор на омраза или стигматизација за лицата што се носители на вирусот, но и на оние што имале контакт со заболени пациенти или, пак кои се враќаат од странство, особено од некоја од ризичните европски земји.

Меѓу најкарактеристичните примери беше оној во Битола, каде што некои битолчани реагираа зошто хотел во центарот на градот треба да биде карантин за оние што доаѓаат од странство, иако меѓу тие луѓе немало заболени. Друг случај е кога на социјалните мрежи се бара од здравствените институции да се објават имињата на оние што се заболени, за да се избегне контакт со нивните најблиски, како превенција од заразување. Целта на таквото барање е практично јавно жигосување на тие луѓе.
Тогаш градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, апелираше со одговорност, смиреност и без стигматизација да се води борбата против ковид-19.
– Како градоначалник, не поддржувам обелоденување список на згрижените во оваа контролирана изолација. Тоа не се луѓе што треба да бидат стигматизирани само поради тоа што треба да поминат денови во изолација како претпазливост на сите нас за евентуални, повторувам евентуални, заразени. Конечно, да се држиме до премисата не прави му го никому она што не би го правел за ближниот свој – изјави Петровска.

За истакнување е и случајот со оние што од аеродромот беа транспортирани до центрите за изолација, а притоа кон нив беше манифестиран нехуман однос, без можност тие да ги извршат своите физиолошки и животни потреби.
За да биде проблемот уште поголем, меѓу лицата што се заразени од вирусот, голем дел од нив се и медицински лица, кои вирусот го добиле борејќи се со пандемијата и спасувајќи човечки животи. Но ова општество не ги штеди ни нив од стигматизација.
Од каде се раѓа тој гнев и бес меѓу луѓето? Дали стравот од зараза или можеби незадоволството од досегашниот одговор на државните институции кон овој проблем го манифестираат тој говор на омраза меѓу граѓаните?

Што е потребно да се направи да се намали јавниот линч против лицата што се заразени од вирусот или, пак, се во карантин?
И министерот за здравство Венко Филипче од изминатиот викенд почна со кампања против стигматизацијата, за смирување на емоциите кај луѓето. Тој посочи дека кризите се време кога човечноста е ставена на тест.
– Ниту заболените од коронавирусот, ниту нашите сограѓани сместени во карантин не треба да бидат стигматизирани. Не смееме да дозволиме. Ова е можност да се развиеме како општество, да ги надминеме стигмата и поделбите, да се обединиме во хуманоста и да покажеме дека можеме подобро – додава тој.
Социологот Илија Ацески вели дека во овој период државата и нејзините институции треба да создадат јавно мнение за толеранција, како и чувство и гаранција на безбедност кај граѓаните.

Во спротивно, може да се создаде масовна хистерија, која може да нѐ повлече сите.
– Граѓаните треба да бидат убедени дека некој се грижи за нив, да имаат доверба во институциите во овие услови на пандемија. Тие сметаат дека нивното здравје е загрозено, вирусот го сметаат како директна закана, затоа имаат и вакви реакции. Сега државата треба да покаже сила дека ја држи ситуацијата под контрола и дека ќе покаже одговорност кон секој ваков случај – посочува Ацески.
Тој смета дека во случаите со говор на омраза треба да има казни и одговорност за оние што ја создаваат, но и за институциите ако не ја спречат.
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска посочува дека случаите на говор на омраза или дискриминација кон оние што имаат некаква врска со коронавирусот произлегуваат од ниската свест на луѓето, од една страна, поради непознатите факти за вирусот, за неговото ширење, лекување, немање на вакцина и, од друга страна, поради ниската свесност на одредени примери што не ги почитувале мерките за самоизолација или карантин.

– Во јавноста имаше немили поединечни случаи што предизвикаа недоверба кај граѓаните. Тоа создаде страв кај нив, страв за сопственото здравје и за здравјето на своите блиски. Стравот, пак, може да продуцира агресија. Тоа е и психологија на толпата. Сите треба да покажеме едно ниво на свесност и зрелост во оваа ситуација. Кога ќе живееме во таква состојба, ќе се успокојат сите дека се безбедни. За ова никој не беше подготвен, ни институциите ни граѓаните. Ова е една нова ситуација, за која сите треба да бидеме одговорни, да покажеме разбирање, почитување на правилата и мерките. Треба да покажеме дека во оваа земја треба и мора да живееме заедно, во толеранција – нагласува психологот.

Ниту европските земји не беа имуни на стигматизацијата на случаите што се заразиле од коронавирусот. Таков е случајот во Украина, кога жителите на местото Нови Санжар организираа протест со блокади на патиштата кога дознаа дека сограѓаните евакуирани од Вухан ќе бидат пренесени во нивната околина.
Протестирале зашто не сакале да ризикуваат епидемија на коронавирус во нивната област. Тие дури и ги каменувале автобусите што ги превезувале.

[email protected]