Ако се врши само визуелна проверка на сертификатите за вакцинација при влез во угостителски објект, семинар, веселба, културен или спортски настан, нема повреда на Законот за заштита на личните податоци и следствено не претставува злоупотреба на личните податоци, велат од Агенцијата за заштита на личните податоци.

– Законот за заштита на личните податоци се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци во согласност со законот се смета секоја операција или збир на операции што се извршуваат врз личните податоци или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување. Оттука, известуваме дека ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат личните податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци – се наведува во соопштението.

Имајќи го предвид погоре наведеното, а со оглед дека со донесената одлука произлегува дека доколку при реализацијата на оваа одлука се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот по принципот „приложил“ или „не приложил“ потврда, велат од Агенцијата, таквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци и следствено не би претставувала злоупотреба на личните податоци.

Владата донесе одлука со која, меѓу другото, се забранува влез во секаков објект, вклучително и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни посетители/гости/лица за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан), без поседување и приложување потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза вакцина, почнувајќи од 16 август.