Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари видеосредба со министерот за надворешни работи на Република Словенија, Анже Логар. Димитров се заблагодари за континуираната и безрезервна поддршка на Словенија во процесот на интеграцијата во Европската Унија, како и во процесот и на веќе оствареното членство во НАТО. Согледани беа можностите и следните чекори по одлуката за започнување пристапни преговори од март, а Димитров изрази благодарност за најавите од словенечка страна дека проширувањето на ЕУ со земјите од нашиот регион ќе биде високо меѓу приоритетите за време на нивното претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година.

Министрите разменија мислења за севкупните билатерални односи кои се карактеризираат со интензивна динамика и тенденција за нивно продлабочување и збогатување со нови содржини во сите области од заемен интерес.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните состојби во двете земји во врска со справувањето со пандемијата ковид-19, искуства во процесот на справување со оваа тешка здравствената криза, како и за економските последици од истата. Притоа, изразена беше волја за натамошна соработка и координација на активностите и справувањето со пандемијата, а министерот Димитров упати благодарност за донацијата со медицинска опрема која Владата на Словенија ѝ  ја додели на земјава.

Од страна на словенечкиот министер беше нагласено дека одлуките во поглед на мерките кои важат при влез во Словенија на лица од трети земји ги носат исклучиво врз основа на епидемиолошката слика, која се следи на дневна основа. Следствено изрази уверување дека последната одлука во однос на потребата од изолација при влез во Словенија на лица кои патуваат од Македонија, би се променила веднаш штом дојде до промена во позитивна насока, за што изрази желба да се случи што поскоро.