Верските лидери во земјава упатија апел до граѓаните да ги почитуваат мерките против коронавирусот.

– Ние ‒ Црквите и верските заедници испраќаме едногласен апел до сите наши верници и до сите граѓани на нашата држава, на актуелната состојба со корона-вирусот Ковид 19 да гледаат со највисок степен на сериозност и со целосно и доследно почитување на сите пропишани мерки да го заштитат сопственото, здравјето на блиските, на здравствените работници и со тоа на севкупното општество. Доследното почитување на мерките не треба да се толкува како имање слаба вера, туку како имање љубов и грижа за другите – се наведува во заедничкото соопштение на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, в.д. Реисул Улема на Исламската верска заедница х. хфз. Шаќир еф. Фетаху, Бискупот Скопски и епарх струмичко-скопски монсињор Киро Стојанов, претседателката на Еврејска верска заедница Романо Николиќ и супериндендентот на Евангелско- методистичка црква, Марјан Димов.

Во апелот се наведува дека сега е време кога секој човек мора да покаже грижа и да даде личен прилог во справувањето со настанатата состојба.

– Мерките треба да ги почитуваме постојано, во внатрешен и надворешен простор, на работните места, во верските храмови, во домовите и на јавните површини. Во овие времиња да бидеме силни и свесни дека искушенијата доаѓаат поради лично преиспитување и зацврстување во верата – се наведува во апелот.