Бугарија од своите вакцини дел ќе донира и за Република Северна Македонија. Оваа криза ја поттикна и солидарноста, покажа и докажа дека само заеднички можеме да ги решаваме проблемите и да ги надминеме сите предизвици, соопшти министерот Венко Филипче на Фејсбук, по повод неговата посета во Бугарија. Филипче, на покана на премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, и на министерот за здравство проф. Костадин Ангелов, денеска присуствуваше на седница на владата на Бугарија, на која беше одлучено Македонија да добие дел од правата пратка вакцини што ќе стигнат во Бугарија.

– Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Ова утрово беше одлучено на владината седница во Софија каде имав и свое обраќање. Со оваа одлука, во нашата земја вакцини против ковид-19 ќе стигнуваат во исто време, како и во останатите земји членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 отсто од населението. Според информациите од здравствените власти во Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на „Фајзер“, потоа на „Модерна“, па на „Астра Зенека“ – соопшти Филипче преку Фејсбук, додавајќи дека пријателите и соседите секогаш си помагаат кога е најпотребно.