Бројот на заразени од делта-сојот во земјата се искачи на десет лица, откако беше потврдено дека тој е присутен кај четворицата сомнителни за кои вчера соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Како што дознаваме, станува збор за свекор и снаа, од кои свекорот е во потешка состојба и е поставен да дише на респиратор. Тие живееле во заедница и биле дојдени од странство, но нема докази дека вирусот го донеле однадвор. Другите двајца се брачен бар, Американци, исто така дојдени од странство, кои се веднаш хоспитализирани и нивната состојба е стабилна.

Во моментот епидемиолозите вршат проверки на нивните контакти. Здравствените власти потенцираат дека лицата заразени од индиската варијанта на коронавирусот не биле вакцинирани.

Министерот за здравство, Филипче, денеска повторно нагласи дека вакцинацијата е единствен начин за заштита од делта-сојот и дека в понеделник со Комисијата за заразни болести ќе се разгледува можноста за воведување нови рестриктивни мерки.

– Состојбата, генерално, е мирна, на некои места нема ниту еден хоспитализиран во болниците во државата, а на други некои од ковид-центрите се целосно затворени. Со Комисијата со заразни болести в понеделник ќе се разгледува потребата од нови рестриктивни мерки. Ова е ситуација што ни покажува колку е важно граѓаните да се вакцинираат. Видете ја Англија, индискиот сој е присутен, но има попуштање на мерките поради високиот процент на вакцинација – изјави Филипче.

Тој додаде дека од понеделник, освен теренската вакцинација, ќе може да се вакцинираат и децата над 12 години (со вакцината на „Фајзер“), а граѓаните од понеделник ќе немаат потреба да закажуваат термини за вакцинација, туку директно ќе може да одат на пунктовите и да примат вакцина.