Приватната гинеколошко-акушерска болница во Битола, „Плодност“, повторно ќе ги отвори вратите за своите пациенти. По двонеделна пауза откако во болницата беше констатирано дека еден од лекарите и друг медицински персонал се позитивни на коронавирусот болницата беше затворена, според информации на „Нова Македонија“ истата повторно работи.

Деновиве од страна на Центарот за јавно здравје беше извршена целосна дезинфекција на болницата, а и резултатите на сите вработени се покажаа негативни и по поминатата самоизолација, болницата повторно е на располагање на родилките. Повторното отворање на болницата „Плодност“ во голема мера ќе ги израдува младите мајки и трудниците не само од Битола, бидејки оваа болница важи за една од најдобрите и најопремените во регионот, каде во изминатите неколку години се родени над 5,5 илјади бебиња.

Болница „Плодност“ започна со работа, според најавениот термин, на 13 април. Персоналот кој работи во болницата е двапати тестиран, со негативни резултати.

Од болницата истакнуваат дека сите пациенти, кои се закажани кај своите доктори, строго да се придржуваат според претходно договорените термини. Со исклучок на итни случаи, болницата нема да прима незакажани пациенти. Исто така, пациентите се предупредуваат задолжително да носат сопствени маски, а потоа, при влез во болницата, да ги запазуваат сите процедури и сите препораки за дезинфекција и држење на соодветно растојание.

Истата процедура се однесува и на пациентите кои што доаѓаат од другите градови. Навремено да закажуваат термини за преглед, а доколку се случи да не се закажани, да чекаат надвор од болницата, сѐ додека не се создадат услови да бидат повикани од страна на персоналот, истакнуваат од „Плодност“.

Инаку, да потсетиме, по тестирањето еден од гинеколозите, д-р Христијан Трпчевски, објави дека е позитивен на ковид-19 и се повлече во самоизолација, по што болницата беше привремено затворена и сите вработени се изолираа. Подоцна со соопштение се јави сопственикот на болницата, д-р Таше Трпчевски, кој упати апел до министерот за здравство Венко Филипче дека е потребно масовно тестирање.

М.М.